Нов снег- нови проблеми на Истокот. Кај Крупиште критично, патиштата кон Плачковица повторно затворени.

Нов снег – нови проблеми на Истокот. Врнежите и снегот кои од утринава ги има, патот кај Крупиште повторно го направија критичен за возење:

  • Сега одиме према Крупиште, таму се работи на расчистување, за да новиот снег не го блокира патот, инаку камиони работат на воспоставување и проширување на коловозниот простор на локалните и регионалните патишта, изјави Киро Коцев, тех. дир. на „Македонија пат“ – Штип.

Од утринава, повторно се отсечени и потплачковичките села па околу 1.000 тамошни жители меѓу кои бремени жани, деца, старци и болни немаат контакт со светот:

  • Вчера се проби патот, ама денеска пак го завеа, имаме болни луѓе, како ќе одиме надолу. Немаме лекови, немаме вода за пиење, за стоката немаме вода, се е замрзнато, изјави Сулејман Адем, жител на Почивало.

Лошо е и во Штип, зашто никој од граѓаните, но и трговците не се фати за лопата да си ги исчистат дворовите:

  • Сопствениците на дуќаните, согласно Законот за јавна чистота, се должни да го исчистат пристапниот пат до нивниот објект, односно на јавните површини на кои се наоѓаат, пристапот да биде непречен. Казните за правниот субјект се 1000 евра, додека за сопственикот на компанијата е 30%, односно 300 евра, изјави Лазар Богатинов, комунален инспектор.

Веќе извесен период температурите се во двоцифрен минус, дел од општините го скратија работното време:

  • Имајќи во предвид дека е намалена фреквенцијата на граѓани во Општината кои што имаат потреба од нашите сервиси и услуги, градоначалникот согласно неговите овластувања, го скрати работното време на администрацијата до петок, да биде скратено и да се работи до 13 часот, без користење на редовната пауза за оброк, а на крајот на самата недела ќе се види какво ќе биде времето, па за следната недела доколку постои потреба повторно ќе се продолжи, доколку не, повторно ќе се вратиме на нормалното работно време, изјави Драган Ристов, советник за односи со јавноста во о. Штип.

Вака ќе биде најмалку уште два – три дена. Кратко затоплување синоптичарите најавуваат за викендот, но потоа повторно доаѓаат врнежи и ниски температури.

SHARE

LEAVE A REPLY