Нема тајни. Што работи администрацијата, најдобро во регионот знаат штипјани.

Општина Штип е најтранспарентна општина на Истокот и 10-та најтранспарентна институција во државата. Ова е заклучок од Индексот на активна транспарентност за 2016-та година, изработен од Центарот за граѓански комуникации, а поддржан од Цивика мобилитас и Швајцарската агенција за развој и соработка.

  • Високата оценка која Штип ја има во последните 6 години во поглед на транспарентноста е резултат на поголемата отвореност кон граѓаните и медиумите и на воведените принципи на соработка со медиумите и јавноста, изјави Драган Ристов, портпарол на о. Штип.

За својата транспарентност Штип води и сопствена статистика.

  • За некои 7 години и 4 месеци издадени се над 1.450 дневни електронски билтени, испратени се над 9.000 СМС пораки до новинарите, дадени се над 2.500 изјави, издадени се над 150 соопштенија и сервисни информации, одржани се над 250 прес конференции и брифинзи за новинарите, изјави Драган Ристов, портпарол на о. Штип.

Кон високата оценка за транспарентноста дала придонес и веб страницата.

  • Комплетно е реализирана веб страницата на Општината, на која ги има речиси сите информации, сервиси и услуги за граѓаните, со што Општина Штип ги следи светските трендови за достапност на информациите за нејзината работа, изјави Драган Ристов, портпарол на о. Штип.

Според Извештајот, Штип е во категорија „Добра транспарентност“, со индекс од 73,1%, исто колку и општина Центар.

Од регионот, Пробиштип е 23-ти со 61,2% транспарентност. Берово е 30-ти со просечна транспарентност од 56,7%. Просечни се и Делчево, кој е 36-ти, Кочани 40-ти и Чешиново-Облешево 55-ти.

Со слаба транспарентност се Македонска Каменица, Виница, Пехчево, Свети Николе и Зрновци.

Додека во категорија многу слаба транспарентност од Источниот регион е единствено општина Карбинци, која е 92-ра со индекс од само 9%.

SHARE

LEAVE A REPLY