Никој не сака да го финансира Осогово. Дури и влезот во Втора лига виси на конец

Никој не сака да го финансира кочанскиот второлигаш Осогово. Дури и влезот во Втора лига виси на конец.

Проблемот се јавува во тоа што Осогово во моментов нема пари за плаќање на котизацијата за Втора Лига, а со тоа е директно загрозен влезот на клубот во лигата.

Во Барањата на Осогово до градоначалникот и Советот стои:

„…ГФК Осогово обезбеди директен влез во Втора Лига Исток. За нормално функционирање на клубот ни се потребни средства. Бидејќи сеуште не профункционирал новиот закон за донации, бараме од Општина Кочани да ни покрие дел од трошоците.

  • Еднократни средства за котизација од 500.000 денари и
  • Месечни средства од 300.000 денари…“

На вчерашната отворена средба меѓу клубот, навивачите и општината, градоначалникот Димитровски не изразил расположение општината да ги покрие бараните средства, со оглед на тоа дека станува збор за поголема сума, но и дека новиот Закон за финансирање на спорт поставува ограничувања во финансирањето.

Од друга страна, на состанокот не се појави ниту една компанија расположена да го финансира клубот, и покрај тоа што пред две недели се одржа презентација за олеснувањата на компаниите кои финансираат спортски клубови.

Ваквата ситуација вроди со незадоволство кај играчите и фановите.

  • Заклучуваме дека сите се водат по стратегијата, ако другите не даваат и јас не давам пари. Мораме со тоа да престанеме. Јас сум верен навивач и поранешен играч на Осогово, изјави Венко Крстевски, навивач и поранешен играч на Осогово.

И додека дел од кочанската публика бурно реагира поради неправдата кон играчите на Осогово, од раководството на клубот веќе со помирувачки тон дека Осогово и покрај се, многу веројатно нема да влезе во заслужената Втора лига.

  • Да им се заблагодарам на фудбалерите на ФК Осогово, кои дадоа максимум, кои направија напори, со нивната ангажираност и на управата, што влеговме во Втората фудбалска лига Исток. Голема благодарност и до вас, медиумите, кои не покривавте цело време и известувавте коректно и реално, изјави Бранко Богатинов, претседател на ГФК „Осогово“.

Но, време за спас на клубот сеуште постои, доколку се појави компанија расположена за законските олеснувања при финансирањето, со што ќе се спречи по втор пат кочанската гордост да ја доживее трагедијата да се пласира во Втора лига, но да не влезе поради немање пари.

SHARE

LEAVE A REPLY