Високи температури и лесно расиплива храна. Не ризикувајте

Лекарите алармираат: Со топлото време демнат опасностите од труења со храна. Високите температури и влагата се многу поволни за бактериите, па храната и пијалоците, колку задоволство, толку можат да бидат и опасност.

Најчести бактерии кои предизвикуваат труење се: салмонела, ешерихија коли и стафилококите.  Типични симптоми се гадење, повраќање и дијареа. Ваквите симптоми можат да предизвикаат дехидрација, која во најтешките случаи може да биде опасна по живот.

  • Доколку пациентите почувствуваат симптоми кои што можат да асоцираат на труење со храна, пред се, би требало да се јават кај својот матичен лекар, да се оваа состојба потврди, и според инструкциите на лекарот да се придржуваат кон консумирање на течности, консумирање на полесна храна и секако земање на ординираната терапија, изјави Д-р Александар Димитровски, ПЗУ „Д-р Златко Стојменов“.

Граѓаните најмногу се сомневаат во производителите на храна, а самите веќе преземаат мерки за заштита.

  • Не знаеме што јадеме, никој не ни гарантира. Ама ја чуваме храната во фрижидер и се трудеме да ја задржеме свежа, ако е стара ден-два во ред е, ако не, ја фрламе, изјави анкетиран граѓанин.

Иако повеќето луѓе стравуваат од труење во рестораните, кафулињата и продавниците, статистиката вели дека најголем дел од труењата настануваат во домовите. Според тоа, лекарите даваат препораки како да се чува и постапува со храната.

  • Мерки на претпазливост во летниот период кои најчесто ние лекарите ги препорачуваме се често и темелно миење на рацете, миење на храната, особено на зеленчукот и овошјето, и секако чување на храната во фрижидер и тоа храна од типот на јајца, месо, млеко и млечни производи, изјави Д-р Александар Димитровски, ПЗУ „Д-р Златко Стојменов“.

Доколку се почитуваат препораките на лекарите, место за паника нема. Иако масовното индустриско производство на храна и пијалоци ретко ни дава до знаење што се внесуваме во себе, сепак високата претпазливост може до одредена мера да ни гарантира безбедност во овие неколку ризични месеци од годината.

SHARE

LEAVE A REPLY