Власта решена да го смени јавниот обвинител Зврлевски – За опозицијата тоа е незаконски по распишување на избори !

Осмото продолжение на шестата седница на Собранието, на која се расправа за разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски, ќе продолжи денеска во 11 часот.

Седмото продолжение помина во реплицирање помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и блокада на собраниската говорница. Теми на расправата и репликите беа пожарите, мигрантите, Супер купот, Договорот со Бугарија… За Зврлевски најверојатно денеска ќе се расправа.

Очигледно е дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се решени да ги користат сите деловнички можности за развлекување на расправата за разрешувањето на Зврлевски. Тоа може да значи дека расправата може да се развлече до крајот на септември.

Разрешувањето на Зврлевски е на предлог на новата влада поради „негова нестручност и непостапување“. Решението за разрешувањ е во собраниска процедура повеќе од еден месец.

ВМРО-ДПМНЕ бара разрешувањето на Зврлевски да биде ставено во мирување до 16 октомври, по завршувањето на локалните избори, повикувајќи се на член од Изборниот законик, според кој, по распишување на изборите е забрането „да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи“.

Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека пратениците нема да одат на годишен одмор сѐ додека не го сменат Зврлевски.

Пријавени за дискусија има уште 30 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ (по 10 минути за дискусија), со право за реплики и контрарепликите (3 минути) и за процедурални забелешки (1 минута).

LEAVE A REPLY