Може ли Брегалница да се врати во игра?

Се поактуелно прашање, непосредно пред стартот на првата полусезона од Втората лига, е тоа дали може Брегалница да се врати во игра? По испаѓањето од елитното првенство, штипските сини се соочија со егзодус на играчи, што дополнително ја загрози состојбата на штипскиот второлигаш. Сепак, неделава во клубот пристигнаа неколку играчи – Михаил Маневски, Трајче Ефремов, Стефан Мишев и Марио Филиповски, а синиот дрес го соблече Стефан Костов, кој замина во Ренова, клубот воден од неговиот татко, докажаниот штипски стратег, Влатко Костов.

Сепак, и покрај кризата, Брегалница и натаму двои од просекот. Годината ја започна со буџет од 10 милиони денари, што е и до 15 пати повеќе од останатите второлигаши. А не треба да се заборави и фактот дека Брегалница за разлика од Осогово и Каменица Саса, не доаѓа од Трета, туку од Првата фудбалска лига.

Сега, првата полусезона Брегалница ќе ја започне со над 4 милиони денари, што е за пет пати повеќе од Осогово и Каменица Саса.

Но, парите не се пресудни во квалитетот. Штипјани ги загубија повеќето добри играчи, а во клубот доаѓаат одлични фудбалери, но претежно неискусни, со кои консолидацијата би можела да потрае.

На крајот од денот одговорот на прашањето ќе го дознаеме скоро, по стартот и првите натпревари на сините во Втората лига Исток.

SHARE

LEAVE A REPLY