Водата во Каменица повторно исправна за пиење

Новите анализи на водата од водоводниот систем на Македонска Каменица потврдиле дека водата од ситемот е исправна за пиење. Како што информираат од ЈП „Камена река“, анализите извршени од Центарот за јавно здравје Кочани, покажале дека испитаните примероци на водата за пиење одговараат на законските и стручните прописи во однос на испитаните параметри за бактериолошка и физичко-хемиска анализа со што се надмина проблемот со квалитетот и испсравноста на водата за која пред три дена беше алармирано дека не е исправна за пиење.

„… Во моментот снабдувањето со вода за пиење е од постоечките зафати од река Горештица и Моштичка Река. Јавното претпријатие „Камена Река“ уште еднаш упатува апел за рационално користење на водените ресурси со што сите заеднички ќе придонесеме за надминување и решавање на проблемот и да се стави крај на ширењето на дезинформации заради остварување на политички поени…“, истакнуваат од ЈП „Камена Река.

Претходно, поради енормно намален доток на изворите од кои Каменица се снабдува со вода, водоснабдувањето се одвиваше преку алтернативни извори чија вода беше класифицирана во втора категорија.

Ова беше повод за писмена реакција од локалниот огранок на СДСМ во која се вели:

„… Ова не само што не е решение, туку претставува и дополнителна опасност по здравјето на граѓаните на нашата Општина. Пречистителните станици во системот и системот во целина, воопшто не се ниту наменети за такво нешто, ниту пак го имаат потребниот капацитет за постигнување на квалитетна вода за пиење за населението на ваков начин. Се што успеа ЈП „Камена Река“ со ваквиот несреќен обид да направи е да го загрози и наруши здравјето на нашите граѓани. Дополнително, со свртувањето на текот на реката кон водоинсталационата мрежа, се прави штета на самата мрежа, штета која допрва треба да се утврди и санира…“ стои во писмената реакција на СДСМ – Македонска Каменица.

Додека траеше проблемот со водата за пиење, најголем дел од  граѓаните користеа флаширана вода:

  • Во понеделникот кажаа дека водата не е добра за пиење и оттогаш купуваме или донесуваме од околните села, велат анкетирани жители на М.Каменица.

Во врска со водоснабдувањето на Македонска Каменица, денес во јавноста излезе и градоначалникот Дарко Митевски, кои во изминатите неколку денови беше отсутен:

  • Имавме намалена издашност на вода и зголемена потрошувачка, поради што приклучивме алтернативни извори за водоснабдување, но квалитетот на водата беше променлив. Со врнежите кои ги имавме, издашноста на изворите се зголеми и сега водоснабдувањето е нормализирано и со квантитет и со квалитет. Многу е некоректно од страна на раководството на СДСМ да се шират дезинформации дека водата за пиење не е квалитетна и да се ангажираат луѓе да ги одвртуваат вентилите со што се прават дополнителни загуби на вода, само за да се собираат политички поени, истакна Дарко Митевски, градоначалник на М.Каменица.

Освен во Македонска Каменица, недостигот на вода за пиење е присутен во сите општини во регионот, а во дел од нив веќе се воведени и рестрикции.

SHARE

LEAVE A REPLY