Кочанскиот парк „Гоцева Шума“ претворен во депонија само една недела по акциите за чистење

Паркот „Гоцева Шума“ во Кочани е претворен во депонија само една недела по акциите на млади кочанчани за чистење на соседниот парк Бавчалук и плажите на акумулацијата Градче.

Она што треба да значи најголема туристичка промоција на Кочани, патеката од градот до Градче во должина од 4 километри е постојана мета на варваризам. Клупите и дрвените патокази се испокршени и затрупани во ѓубре, а парковите се претворени во мети за дивеење.

Пред само неколку дена тројца млади кочанци ги засукаа ракавите и го исчистија туѓото ѓубре во паркот Бавчалук. Паралелно македонски и турски студенти ги чистеа плажите на езерото Градче, а од двете локации се изнесоа десетици килограми пластика, стакло, конзерви, облека и друг комунален отпад.

Ваквите акции по се изгледа не допреа до сите, па непознати излетници во „Гоцева Шума“ зад себе оставија вистинска депонија. Освен без хигиена, паркот остана и без металната порта, а во контејнерот кој стои до патот кон Градче е фрлено мртво животно кое шири реа на стотици метри.

И додека во земјите од соседството на туризмот се гледа како на богатство, кај нас и она што го имаме свесно го претвораме во нешто што личи на се, само не на туристичка промоција.

 

SHARE

LEAVE A REPLY