Изборна кампања – Штип

 

Интензивно продолжува изборната кампања во Штип. За граѓаните неработен ден, но за партиите ден за промоции, мини митинзи и средби со граѓани.
Денес, на прес конференција излезе и Општинската изборна комисија во Штип, од каде информираа за промените на неколку гласачки места во Штип и околината:
Текстилното училиште по број 2295 сега гласаат во Ванчо Прке. МЗ Брегалница 2262 ќе гласа во Музичкото училиште, ЦИЗ Застанување 2300 ќе гласаат во Ванчо Прке. Село Пиперово 2304 ќе гласа во Лесковица, Судик 2287 во Врсаково и Сушево во Три Чешми 2289, вели Сенка Андреева, прет. на ОИК – Штип.
ВМРО ДПМНЕ, продолжи со мини митинзи низ штипските населби. Синоќа, тие беа во населбите Сењак и Дузлачки Рид:
Во овој момент ја работиме обиколницата од Сењак, преку реката Брегалница до булеварот Гоце Делчев. Оваа обиколница е капитална инвестиција за оваа населба и жителите од Баби и Дузлак, затоа што 25 илјади жители од тој крај ќе добијат пократок пристап до индустрискиот дел. Оној дел од населбата Света Недела, кој се наоѓа практично во борчињата, изработуваме проект за асфалтирање на сите улици, таму се некаде околу 8 улички мали, а се надевам дека идната година тоа ќе биде асфалтирано, и дефинитивно жителите на Дузлак, Дузлачки рид, Пелтеково имање и Света Недела се свесни дека оваа локална власт за 4 години направи многу за нив, изјави Илчо Захариев, кандидат за градоначалник за Штип од ВМРО ДПМНЕ.
Ние како совет донесовме одлуки кои ги почуствуваа сите жители на општина Штип. Конкретно оваа вечер сме во Дузлачки рид и во населба Сењак. Овде жителите можат да ги увидат проектите донесени за нив, асфалтирани се улици, урбанизирани се населби, вели Иван Јорданов, носител на советничка листа од ВМРО ДПМНЕ.
СДСМ пак, од населбата Баби најавија голема победа на 15-ти октомври:
Ние сме убедени дека со оваа позитивна, конструктивна, добронамерна понуда, свртена кон потребите на граѓаните, дека Штип и останатиот дел од источна Македонија ќе гласаат за живот, вели Радмила Шеќеринска, зам. претседател на СДСМ.
Нема населено место, нема дел од градот, село или било која населба во која не очекувам победа. Ќе победиме во секое населено место, во секое избирачко место од нашиот град. Јас сакам да им се заблагодарам на граѓаните кои живеат овде во населбата Баби, поради масовноста и поддршката, поради кои очекувам победа, вели Благој Бочварски, кандидат за градоначалик за Штип од СДСМ
Едно од нашите многубројни ветувања е отворање на амбуланта со доктор и сестра и понатаму ќе отвориме и втора смена после изборите, вели Владимир Милошев, член на ЦО на СДСМ.
Кандидатот за градоначалник за Штип од СДСМ, Благој Бочварски, денес најави урбанизација на викенд населбата Суитлак:
Најавувам дека во наредниот период ќе го прошириме опфатот на ГУП и ќе донесеме ДУП. Со ова, ќе се овозможат услови за поставување на водовод на сите 300 викенд куќи, а ќе продолжиме и со поставување на улично осветлување, изјави Благој Бочварски, кандидат за градоначалик за Штип од СДСМ.
На прес конференција пак, од СДСМ зборуваа за, како што рекоа, пустошот што бил направен во делот на спортот во Штип :
Може слободно да се каже дека спортската чаршија со право зборува за Илчо Захариев како за гробар на спортот во Штип. Дека не се работи само за некаква перцепција, впечаток на спортската јавност, зборуваат и фактите. Тие се поразителни, како во делот на финансирањето, така и во делот на испорачаните резултати. Овде не мислиме само на ФК Брегалница. Од 2014 година па наваму реализираните средства од буџетот по програмата за спорт се намалуваат во просек за скоро 1,5 милиони денари секоја година, па од 19,5 милиони денари во 2014, се намалени на 16,9 милиони во 2016, вели Мики Тодоров, член на СДСМ.
На ова, писмено реагираа од ВМРО ДПМНЕ:
„Во областа на спортот, Локалната самоуправа предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги реализираше следниве проекти: Изградени се две мултифункционални игралишта вредни 220.00 евра; Два дуплекс тениски терени; Спортски игралишта и терени во речиси секоја населба; Одбојкарски терени во нас.Дузлак; Обновени училишни сали; Фитнес зона зад Исарот; Комплетна обнова на градскиот стадион кој за прв пат доби и рефлектори; Изградена е нова спортска сала во ООУ Славејко Арсов. За време на нивното владеење, не направија ниту едно игралиште, а немаа доблест да ја завршат ниту спортската сала Јордан Мијалков, во која денес тренираат дузина спортисти.Локалната самоуправа поддржува над 20 клубови од различни спортови, плаќа котизации за да опстанат во лигите, вклучително и обезбедува буџет на ФК Брегалница, кој редовно се утврдува и на седница на Советот. Тоа што располагаме со парите на граѓаните, не значи дека истите треба да ги трошиме без контрола. Тоа можеби се правело во времето на СДС кога спортот беше маска или покритие на трошење на општинските пари“, стои во реакцијата од ВМРО ДПМНЕ.
Во меѓувреме, во Домот на млади, денес се одржа хепенинг за децата со посебни потреби, нешто што СДСМ планира да прерасне во традиционално:
Сакаме да ја подигнеме свеста кај луѓето, поради неразличноста на сите луѓе, во самото општество дека сите сме исти, дека сите имаме еднакви права. Ова во соработка со нашиот кандидат за градоначалник, Благој Бочварски, ќе стане една традиција, која што еднаш месечно ќе се организира на различна тематика, вели Марија Костова, член на СДСМ.
Освен на промоција на партиските проекти, кандидатите за градоначалници на Штип, денес упатија и честитки до граѓаните по повод 11-ти октомври:
Ја користам оваа прилика да го честитам денешниот голем празник, Денот на македонското востание, рече Захариев.
Сакам на сите да им го честитам овој голем македонски празник на сите наши сограѓани, кажа Бочварски.
Прес конференција по повод денешниот празник, одржа и партискиот огранок на Левица :
Левица – Штип им го честита празникот на штипјани. Но, денес 2017-та година нема некоја причина тој празник да се слави. Луѓето често забораваат или често е намерно изместено дека суштината на таа борба беше за работникот да се ослободи од експлоатацијата, кажа Борислав Крмов, носител на советничка листа на Левица.

SHARE

LEAVE A REPLY