Тројца пратеници во домашен притвор, тројца префрлени во истражниот затвор во „Шутка“ !

На тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ им е одреден притвор во траење од 30 дена. На други тројца пратеници им е одреден домашен притвор во врска со настаните од 27 април, објави Кривичниот суд.

На пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, за кои во медиумите се пишуваше дека за време на настаните во Собранието на 27 април, ги отворија собраниските врати за да влезе толпата народ, Кривичниот суд по распитот кај судија им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. На Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски им е одреден домашен притвор, објави денеска Кривичниот суд.

Арнаудов, Мукоски и Василевски попладнето од задниот влез на судот со полициска придружба беа изнесени и ставени во полициските комбиња и сите со едно возило заминаа. По нив од судот излезе и пратеничката Жаклина Пешевска, која без полициска придружба замина со друго комбе.

Шестемина пратеници кои останаа без имунитет, како осомничени за тероризам и загрозување на уставниот поредок во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија, дојдоа во Кривичниот суд на распит кај судија на претходна постапка.

Распитот на пратениците траеше неколку часа. Тие одделно дојдоа во судот, а само пратеникот Крсто Мукоски пред влегување во судот даде кратка изјава за медиумите. Тој рече дека верува во судот и посочи дека нема правна основа да му биде определена мерка притвор.

„Јас и моите адвокати сметаме дека нема основа за притвор, но крајната одлука е на судот и ние веруваме во судот. Јас редовно се појавувам на суд и цело време сум достапен“, рече Мукоски.

Пратеникот Сашо Василевски, на прашањето на новинарите што очекува денеска, само кусо се заблагодари на поддршката од медиумите.

LEAVE A REPLY