„Обединети за фудбалот“ ја обвинија ФФМ за злоупотреба на пари од УЕФА

 

Продолжува драмата меѓу „Обединети за фудбалот“ и Фудбалската федерација на Македонија. „Обединети за фудбалот“, кои ФФМ ја обвинуваат за злоупотреба на средствата за солидарност од УЕФА, излегоа со соопштение во кое велат дека нивните тврдења се покажале за точни, откако прволигашите ги побарале назад парите од УЕФА.

„На последниот состанок, кој нелегалниот Претседател на ФФМ го одржа со прволигашите, истите одбија понатаму да ја покриваат злоупотребата на средствата за солидарност на УЕФА од страна на Илчо Ѓорѓиоски.

Прволигашите си ги побараа своите пари кои УЕФА со години ги уплаќа на сметка на ФФМ а наменети се за клубовите на Првата лига. Вкупната сума е преку 1.000.000 евра.

Оваа злоупотреба ние ја презентиравме уште пред 2 години, а ја обзнанивме и за јавност во нашите соопштенија од 01.03.2017 и 21.11.2017. За истото е известена и УЕФА“ стои во соопштението на „Обединети за фудбалот“, потпишано од Драган Томовски.

Во продолжение тие обвинуваат за кршење на Статутот на ФФМ и нерегуларности на Собранието.

Истовремено тврдат дека токму последното Собрание на ОФС во Кочани е уште еден показател за нерегуларностите.

Наспроти тврдењата и обвинувањата на ОФ и Томовски, од куќата на фудбалот досега нема реакција на нападите.

SHARE

LEAVE A REPLY