Грци ја кочат изградбата на новата Клиничка болница во Штип

Забавено темпото на изградба на новата Клиничка болница во Штип. На терен се само неколкумина работници од градежната компанија „Бетон“, која е подизведувач на работите на грчката компанија, која го доби меѓународниот тендер за изградба.

Дека работата не оди како порано, потврди и директорот на болницата Ален Георгијев, кој потенцираше дека тие како институција немаат никакви надлежности :

  • Јас во суштина и неможам да ви кажам точна информација со тоа, бидејќи нашата Клиничка болница нема ингеренции. Таму знааете дека тоа оди преку проектната единица на Министерството за здравство и договорот, кој што го има склучено. Значи она што можеме да го видиме веројатно се успорени работите на Клиничката болница, а зошто е тоа така ќе мора одговор на друго место да барате во министерството за здравство. Намален е бројот на работници и темпото на работа не е како што беше претходно, изјави д-р Ален Георгијев, дир. на Клиничка болница – Штип .

Дека роковите за изградба се пробиени потврдија од Министерството за здравство, од каде информираат дека интензивно се работи на убрзување на работите :

„Добивме информации дека на терен нема работници и во средата имавме нов состанок со грчката компанија и подизведувачот. Нас не не интересира подизведувачот, нас не интересира изведувачот. Договорот го имаме со грчката фирма. Разговаравме и укажавме и им дадовме разумен рок од две недели, за да видиме напредок во работењето. Тие гарантираат дека веќе од наредниот ден, од четвртокот ќе имале забрзување на динамиката. Понатаму неможеме да го толерираме неработењето. Доколку не го испочитуваат рокот, ние ги разгледуваме сите опции“, изјави Владимир Милошев, државен секретар во Министерството за здравство.

Меѓу опциите е и раскинување на договорот со грчата компанија која го има добиено тендерот за изградба, а кој чини 30 милиони евра.

SHARE

LEAVE A REPLY