Заев: Ќе се викаме Северна Македонија и ќе си го смениме Уставот – Ципрас со став дека победил оти ги заштитил „црвените линии“ – За опозицијата во „Македонија“, ова е капитулација !

Република Северна Македонија за дома и надвор- ова е решението за кое се спогодиле Заев и Ципрас. Спорот за името со овој договор е решен, соопшти Заев на прес конференција оценувајќи дека се работи за историско и вековно решение.

Договорот меѓу двете земји Заев очекува да биде потпишан уште овој викенд, а потоа и ратификуван во Македонскиот парламент. Со ова тој смета дека земјата ќе добие датум за преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО.

Според Заев Грција отстапила во делот на признавањето на макеоднскиот јазик и идентитет. Очекува грчкиот парламент да го ратификува договорот до крајот на годината откако во Македонија ќе се случи референдумот и уставните измени.

Заев ги повика опозицијата и шефот на државата да дадат поддршка за договореното решение.Тој рече дека конечниот збор, сепак, ќе го имаат граѓаните, на референдумот што ќе се одржи наесен. За референдумското прашање се уште не размислувале и не е прецизирано дали тој ќе биде обврзувачки или само консултативен.

Ако биде успешен референдумот, потоа ќе следат уставни измени, и ќе се ратификува договорот и во грчкиот Парламент. Доколку сепак, тие не успеат да го сторат тоа, договорот пропаѓа. Истото ќе се случи ако и македонската страна не успее да спроведе некоја од преземените обврски. План Б засега нема. За внатрешна употреба договорот ќе почне да се применува по референдумот и ратификацијата од грчка страна и протоколот за членство во НАТо.

Кога договорот ќе се прифати од двете страни, Заев ќе ги информира сите 193 земји членки на Обединетите нации кои не признаа под уставното име, дека сега имеме ново име. Кодовите во интернет и трговската размена остануваат мк и мкд, а ќе се смени кодот на табличките. Викендов ќе се организира средба со Ципрас, за да се потпише договорот.

Историската одлука дека договор е постигнат прв ја објави грчкиот премиер Алексис Ципрас уште пред средбата со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. На средбата Ципрас му нагласил на претседателот дека македонската страна прифатила ерга омнес и уставни измени.

„Сакам да ви соопштам добра вест. Доаѓам со договор што го постигнав со премиерот на ПЈР Македонија за работите кои што не оптоваруваа и поради кои со години бевме загрижени. Имаме договор, имаме сложено име со географска одредница за сите намени. Нашите соседи ја преземаа обврската за уставна ревизија која предвидува промена на нивното уставно име“, ќе каже Ципрас.

И грчкиот претседател го оцени договорот како добар, особено поради фактот дека црвените линии на Атина биле прифатени.И додека во Скопје траеше прес конференцијата на македонскиот премиер Заев, и неговиот грчки колега излезе на прес пред домашната јавност.

„Нашите северни соседи се согласија да го променат нивното уставно име за севкупна употреба. Се согласија да го променат името на својата земја во Република Северна Македонија. Со договорот постои јасно оделување помеѓу грчката Македонија нагласи нија и нашите северни соседи, и дефинитивен крај на иредентизмот во нивниот актуелно уставно име“.

„Длабоко сум убеден дека овој договор е голема дипломатска победа.Грчката влада ги одбрани во целост нашите црвени линии, сите црвени линии на нашата национална позиција во изминатите 20 години“.

-Тежок ден за Република Македонија. Зоран Заев се обиде поразот да го покажува како победа. Она што е стекнато како право, правото на јазик и идентитет се покажува како извојувана победа во преговорите со нашиот јужен сосед, тоа е загарантирано многу порано, јасно кажано и напишано во ОН, вака опозицискиот лидер Христијан Мицкоски го прокоментира решението за името.

-Заев се обидува да покаже вештачка среќа, се гледа од далеку дека ова е пораз, тоа се чувствува кај граѓаните, потиштеност и пораз. Целосниот процес се водеше во тајност, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беше вклучена во преговорите. Единствено што се случи денеска е телефонскиот разговор со Заев веднаш по неговиот разговор со неговиот колега Ципрас. Прифатени се сите грчки позиции и не може да се прифати договорот. Ако за Заев е прифатливо промена на Уставот, тогаш тоа е договор на Заев за капитулација, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека премиерот Зоран Заев е неспособен и водел неспособна дипломатија, а покажал и нестабилност и континуирана променливост на ставовите.

-Тој гордо кажуваше дека друго решение освен Илинденска Македонија за него нема, но излажа. Ова е премногу сериозно прашање и затоа бараме таканаречениот договор кој Заев има намера да го потпише со Ципрас веднаш да ни го достави. Непроменети се ставовите, ВМРО-ДПМНЕ нема да отстапи од своите принципи и верувања, нема да поддржиме промена на Устав а со цел промена на уставно име. Ако Заев се обиде шверцерски капитулацијата да ја протне низ собраниска процедура. Референдумот мора да биде задолжителен, а не консултативен. Јас ќе опстојам на принципите. Оној кој отстапува од принципите покажува дека воопшто немал принципи и треба да ја каже цената за таквите компромиси, таа цена со Заев е преголема и прескапа за Република Македонија. Ние сме за членство во ЕУ и НАТО, ќе настојуваме и придонесуваме за тоа, но истото мора да биде по сработеното, а не по предавствата и капитуалциите. Со ваквите договори Македонија губи и не смее да продолжи да губи. Верувам во граѓаните и нивниот капацитет, ќе продолжам силно да верувам и работам за Република Македонија, вели Мицкоски.

LEAVE A REPLY