Некој лаже или нешто крие. Изградбата на Клиничката болница во Штип забавена по трет пат

Трет пат изградбата на новата Клиничка болница, е забавена, информира денеска директорот Ален Георгиев. Причините за забавувањето ги насочи кон адреса на ресорното Министерство.

  • Ние гледаме дека има одредени застои таму. Ние сме во комуникација со Министерството за здравство. Тие ќе си ги превземат чекорите за кои сметаат дека се потребни, и сметаме дека треба да се испочитува рокот за завршување на болницата. А, како на кој начин тоа ќе се заврши не е од мој домен и доменот на Клиничката болница, но има проектна единица во Министерството што го турка тој проект. Евидентно е дека има извесен застој, но од кој причини навистина не би можел да ви кажам,бидејки ние немаме никаква допирна точка со градежните работи на објектот на новата Клиничка болница, кажа Ален Георгијев, директор на Клиничка болница – Штип.

Во меѓувреме се огласи Министерството за здравство. Тврдат, на новиот објект се работи.

„Во однос на денешната објава во медиумите дека се стопирани градежните активност на новата болницата во Штип, Министерството за здравство ја информира јавноста дека редовно ја следиме динамиката на градежните активности.

Континуирано, и во текот на денешниот ден, во контакт сме со изведувачите и подизведувачите во однос на напредокот на градежните работи. Инаку, во моментот има 70-тина работници кои работат на внатрешни специфични градежни активности.

Исто така, Министерството за здравство информира дека заедно со својот инжинерски тим во наредниот период ќе продолжи да врши надзор над работата на болницата во Штип, а градежните активности ќе продолжат со зголемен интезитет“, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Градбата на нова современа болница, вредна над 30 милиони евра, стартува во 2016 година. Наредната година, поради немање надзор градежните работи се прекинати, бидејќи ресорното Министерство извесен период беше без министер, а со тоа и официјален потписник за тековните работи при изведување на градежните работи. Градбата уште еднаш беше во застој на почетокот од оваа година, но за кратко. Деновиве, градежните работи повторно се со забавено темпо. Со ваква динамика на работа, не е исклучена можноста претходно планираниот рок за завршување на градбата, а тоа е, крајот на оваа година, да биде пробиен.

 

 

SHARE

LEAVE A REPLY