Се чистат каналите за наводнување во Делчевско

Се чистат каналите за наводнување во делчевскиот регион. Во моментов, екипи од АД Водостопанство работат на чистење на каналите и поставување каналетки во атарот на село Тработивиште под мостот на патот Тработивиште- Разловци, а се интервенира да се стави во фукнција и  Виречкиот јаз.

Досега е исчистен селскиот јаз во должина од околу 1 км., а со машини се прават и бентови, односно се интервенира на реките Брегалница и Желевица за пуштање вода во каналите.

  • Нашата цел е овој крај да заживее со вода и да се развива земјоделството како гранка која ќе биде број еден во државава. Овде многу години водокорисниците немале грам вода за своите потреби. Со поддршка на Општина Делчево, Министерството за земјоделие и Министерството за животна средина ние работиме секој водокорисник да има вода, истакна Крсте Даниловски, раководителот на Сектор при АД Водостопанство – Берово)

Ваква активност во делчевскот крај се прави правпат по период од скоро две децении:

  • Изминатиов период земјоделците сами се снаоѓаа, за да стигнат до водата и да ја донесат до нивните површини. Запознат сум дека многу од земјоделците се откажале од земјоделската работа, само поради овој проблем. Ние го решаваме и очекувам овој потег да придонесе во проширување на обработливите површини на полето каде некогаш се садел и ориз. Со тоа даваме свој придонес во создавање услови за развој и подобри услови за земјоделската дејност, истакна ГоранТрајковски, градоначалник на о.Делчево.

За земјоделците, ова е добра вест зашто водата за нив е повеќе од потребна:

  • Ова е многу важно, зашто без вода не бива ништо, кажа земјоделец од с. Тработивиште.

Слични активности екипите на АД Водостопанство ќе имаат и на земјоделските површини во Разловци, а согласно со планот и програмата на ова претпријатие ќе се интервенира и на земјоделските површини во останатите села во делчевската општина, а ќе се стави  во функција и акумулацијата Петрашевец за наводнување на земјоделските површини.

SHARE

LEAVE A REPLY